Премиерот Груевски и министерот Ивановски претставија ново целосно компјутеризирано училиште

Скопје, 24 април 2008

Премиерот Никола Груевски и министерот за информатичко општество Иво Ивановски попладнево го посетија  средното медицинско  училиште „Панче Караѓозов“, кое во рамките на проектот „Компјутер за секое дете“ е четврто целосно компјутеризирано училиште во Македонија.

Во училиштето целосно се опремени 11 кабинети со 396 компјутерски работни места. До крајот на неделата целосно ќе бидат опремени 11 училишта и на секои три недели ќе има нови 11 училишта со компјутерска опрема. Планот на Владата е до почетокот на август сите средни училишта да  бидат опремени, а до септември и сите основни училишта.

- На овој начин обезбедуваме влез на информатичката технологија во образовниот систем на Македонија и ја зголемуваме конкурентноста на новите генерации на пазарот на трудот, ги приближуваме кон европските стандарди на информатичко работење. Денешниот настан е доказ дека компјутеризацијата на училиштата се реализира според утврдената динамика и е потврда за решеноста на Владата за реализација на овој важен проект и на овој инвестициски зафат, рече премиерот Груевски.

Владата за овој проект набави 98.710 компјутери, со кои целосно ќе бидат опремени 93 средни и 354 основни училишта. Во првата фаза се опфатени две третини, а од идната година ќе има и дополнителен број компјутери за да се опфати последната третина за учениците од пониските одделенија.

- Проектот ќе им овоможи на учениците да ја совладаат наставната материја во средина и начин кој одговара на стандардите на информатичките општества кон кои тежнееме. Еден од главните бенефити на овој проект е олеснување на можноста за пристап до информациите, како главен предуслов за индивидуалниот и општествениот развој, додаде Груевски.

Покрај „Компјутер за секое дете“,  Владата го спроведува и проектот „Светот на дланка“ со кој е овозможено користење интернет во бесплатни интернет-клубови во земјава, како и бесплатни обуки за сите граѓани кои сакаат да научат да работат со компјутери и да користат интеренет. Исто така, зголемена е за околу 20 проценти државната квота за информатичари на факултетите на државните универзитети, а во фаза на отворање е и универзитет за информатички технологии.