Плаќање таксени марки за лични документи и преку СМС

Скопје, 25 август 2009

Министрите за информатичко општество и за внатрешни работи Иво Ивановски и Гордана Јанкуловска денеска го промовираа новиот начин на плаќање таксени марки при издавање на лични документи, преку СМС порака и со платежна картичка преку интернет.

 

- Сите граѓани кога вадат лични документи - пасош, возачка дозвола и лична карта ќе може за таксената марка да уплатат преку мобилен телефон и преку кредитна картичка од своите домови или од секој компјутер кој има пристап до веб страницата www.uslugi.gov.mk, изјави министерот Ивановски.

 

Процесот на плаќање се врши со праќање на СМС порака СК, ТМ (за таксена марка наменета за патна исправа), потоа име презиме и сумата, во случајот 50 денари, на бројот 144 166. Откако ќе се испрати, службеникот на неговиот компјутер добива сигнал и по добивањето на повратна порака за успешна трансакција каде е даден и трансакциски код му се дава на службеникот да го внесе и со тоа административната таксена марка е исплатена. За секој документ ќе постојат различни кодови.

 

Услугата, според министерката Јанкулоска, претставува техничко решение кое оди како придонес на целокупните реформи во МВР за доближување на услугите кон граѓаните и претставува чекор напред за надминување на административните бариери.

 

Плаќањето преку СМС засега е овозможено само за граѓаните на Скопје, но наскоро ќе биде достапно за сите граѓани на Република Македонија, информираше министерката за внатрешни работи. Новиот начин на плаќање е само дополнителна можност и избор на граѓаните, бидејќи таксените марки ќе можат да се користат и понатаму.

 

Министрите најавија дека системот ќе се надградува и за други институции со цел да им се олесни животот на граѓаните, а електронските услуги да бидат достапни за сите.