Сподели:

Заменик министерот Бајдевски на тркалезната маса: Координација и соработка во реформата и развојот на секторот за комунални дејности во Република Македонија

Скопје, 18 декември 2018 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, се обрати на тркалезната маса насловена како: „Координација и соработка во реформата и развојот на секторот за комунални дејности во Република Македонија“, во организација на Асоцијацијата на даватели на јавни услуги-АДКОМ.

На настанот се дискутираше за актуелната состојба и предизвиците со кои се соочуваат јавните комунални претпријатија во Република Македонија при практичната примена на законите од надлежност на Министерството за информатичко општество и  администрација – Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници.

Посочувајќи дека опфатот на јавниот сектор на една земја не може да се дефинира само преку бројката на вработени заменик министерот Бајдевски потенцираше дека во развиените земји граѓаните очекуваат повеќе услуги од државата, од пристап до вода за пиење и енергија, одржување на патиштата, до квалитетно образование, здравство, безбедност, така што колку побрзи и поквалитетни услуги се очекуваат, толку повеќе вработени се потребни во јавниот сектор.

„Прашањето колку вработени во јавниот сектор треба да имаме, најчесто зависи и од капацитетот и сопствениот избор на државата, особено ако се има предвид дека за областа јавната администрација, не постои заедничка европска регулатива со која земјите треба да бидат усогласени“, истакна заменик министерот Бајдевски, додавајќи дека Република Македонија определбата за опфатот на јавниот сектор ја има изразено преку Законот за вработените во јавниот сектор, во примена од 2015 година.

Тој најави дека согласно утврденото во Стратегијата за реформа на јавната администрација (2018- 2022) и Акцискиот план, на почетокот на следната година во широк консултативен процес ќе се работи на измени на Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници во насока на намалување на ризиците од политизација во постапките за селекција при вработување, но и на унапредување на одредени институти како што се на пример: оценувањето, дисциплинската одговорност итн.

Заменик министерот Бајдевски повика на соработка, конкретни сугестии и предлози кои ќе бидат поткрепени со докази, односно практични примери за потешкотии при примената на законите во конкретни случаи, посочувајќи дека за заокружување на оваа тема ќе ни биде потребен дијалог и со претставниците на Европската комисија, кои го мониторираат и оценуваат процесот на реформата на јавната администрација.

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form