Сподели:

Министерот Манчевски копретседавач на Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика во Европската Комисија

Скопје, 12 април 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, копретседаваше со Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика во Европската Комисија. Како што истакна министерот Манчевски, да се претседава со овој поткомитет, во овој период за Северна Македонија е од особено значење. Тој, во своето воведно обраќање се осврна на напредокот што бележи државата во овие области.

„Потпишувањето на Договорот меѓу Грција и Северна Македонија, покрај за двете земји е подеднакво важно и за регионот и за Европската Унија. Успешната ратификација на Договорот од двете страни наидува на многу позитивни коментари. Од друга страна, можноста за отпочнување на објаснувачки технички процес со ЕУ е многу важна за атмосферата во земјата, како и за јавната администрација. Очекувањата се дека во јуни по одлуката за отворање на пристапни преговори, и во тесно  партнерство со Европската Комисија ќе бидат обезбеден дополнителен поттик за продолжување со реформите“, рече министерот Манчевски, воедно информирајќи дека објаснувачките состаноци се во тек како што е планирано.

Како што посочи министерот Манчевски во своето обраќање, реформите и инвестициите во образованието, јакнењето на социјалните и политиките за вработување, развојот информатичкото општество и гарантирањето на слободата и независноста на медиумите, се единствениот пат за зајакнување на економијата во Северна Македонија.

„Овие политики се начин да се создадат подобри работни места, подобри услови за работа, одржлив развој, нови дигитални можности за луѓето и бизнисите, подобрен пристап и поврзување на граѓаните, силни широкопојасни и безжични конекции и многу други придобивки. Затоа мислам дека треба да ги искористиме овие можности за да дискутираме и да споделиме искуства во постигнување на најдобри можни резултати“, заклучи  министерот Манчевски.

Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика е едно од телата за дијалог помеѓу Република Северна Македонија и Европската унија, воспоставен во рамки на Комитетот за стабилизација и асоцијација. Состаноците се одржуваат еднаш годишно, за дискусја во однос на имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, во областите кои ги покрива овој поткомитет. 

Министерство за информатичко општество и администрација

 

 

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form