Започна имплементацијата на WI-FI проектот

Скопје, 17 јуни 2010

Имплементација на WI-FI проектот ќе обезбеди интернет пристап и чекор напред кон влезот во Европската Унија

Со цел обезбедување на безжичен интернет во населени места во кои економските оператори немаат интерес да ја понудат оваа услуга, како и надминување на дигиталниот јаз на територијата на Република Македонија, Министерството за информатичко општество започна со имплементација на WI-FI проектот кој претставува инсталирање на интернет киосци  кои ќе зрачат бесплатен интернет во  радиус од 250м. Мрежата е отворена за сите и секој во негова близина може да добие бесплатен интернет пристап, а оние што немаат лаптоп можат да се служат со интернет киоскот.

 

Во партнерство со приватниот сектор,  првите 4 години услугата ќе ја субвенционира Владата на Република Македонија, а потоа интернет киосците остануваат во сопственост на комерцијалните оператори кои со нив ќе стопанисуваат  на економска основа.

 

Со овој проект Република Македонија значително го намалува дигиталниот јаз како еден од клучните предуслови за чекор напред кон влезот во Европската Унија.

 

Проектот опфаќа 680 локации /подрачни училишта каде што ќе се инсталираат интернет киосци. До сега се инсталирани над 150 и тоа во следниве општини: Зелениково, Илинден, Петровец, Сопишта, Студенчани, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Велес, Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Росоман, Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Дојран, Ново Село, Струмица и Битола.

 

Проектот ќе се имплементира во три фази: 30% од киосците ќе се инсталираат во рок од 120 дена, 60% во рок од 150 дена и 100% во рок од 180 дена.
Во изминатите месеци откако започна имплементацијата на проектот, реакцијата на населението во општините е одлична.



Слики од настанот