Владата и годинава ќе доделува вредносни ваучери за компјутери на апсолвентите

Скопје, 15 Октомври 2008

Владата на Република Македонија и Министерството за информатичко општество во рамки на проектот „Македонија-земја на информатичари“ одлучи да спроведе програма за доделување вредносни ваучери како директна субвенција при купување компјутери.


Министерот за информатичко општество Иво Ивановски денеска на прес-конференција информира дека сите студенти кои најдоцна до 15 ноември ќе запишат четврта година на универзитетите во земјава од Владата ќе добијат вредносни ваучери од 15.500 денари наменети за купување компјутер.

Ваучерите, како што додаде тој, се наменети за редовните студенти кои првпат во последна студиска година ќе се запишат во учебната 2008/2009 година на кој било државен или акредитиран приватен факултет во Македонија, како и студентите кои се евидентирани како лица со посебни потреби.


- Целта на програмата е зголемување на ПС пенетрацијата во домовите, пред се меѓу помладата ИТ-активна генерација, односно студентите на тој начин овозможувајќи ширење на ИТ вештините меѓу семејствата, пријателите и подоцна на работното место, изјави министерот Ивановски.

Тој изрази надеж дека годинава нема да се појави злоупотреба, што беше случај минатата година на почетокот на спроведување на програмата. - Минатата година злоупотреба се појави на почетокот на спроведување на програмата, која беше отстранета, рече Ивановски.


Во програмата може да се вклучат сите ИТ фирми во земјава, а се очекува прв пат последната година да ја запишат меѓу 13.000 и 14.000 студенти.
Минатата година во рамки на проектот „Македонија - земја на информатичари“ се доделени 12.222 ваучери. Вредноста на ваучерот лани изнесуваше 12.300 денари.