Интел: Македонија глобален лидер за ИТ во образованието

Скопје, 10 јули 2012

Македонија е глобален лидер во воведувањето на информатичките технологии во образованието. Ова признание корпорацијата Интел го искажа на годишната конфенреција за иновации во Сан Франциско.

 

Македонија пред новинари и експерти од над 40 земји беше посочена како држава која навреме ја препознала важноста на информатичкото образование во подигнувањето на економијата.

 

Како што за Сител изјави глобалниот директор на Интел за образовниот и јавниот сектор, примерот потоа го следеле и други земји.

 

- Македонија е апсолутен лидер во оваа трансформација на образованието. Рано ја увиде можноста за воведување на технологијата во училницата и за вклучување на учителите, родителите и учениците во подобар начин за учење. Работата што министерот Ивановски ја направи беше фантастична бидејќи даде иницијатива и други земји да го направат истото, рече Брајан Гонзалес, директор на Интел за образование и јавен сектор.

 

Интел со 15 милиони долари се вклучи во проектот на владата Компјутер за секое дете. Компанијата го поддржа електронското учење во македонските школи со електронски материјали, наставни програми, обуки и кваликфикување на професорите низ целата земја.

 

Во Сан Франциско најголемиот производител на процесори во светот ги презентираше најновите иновации за кои верува дека ќе станат составен дел животот во следните десет години.