Започнува имплементацијата на мерката Обуки за напредни ИТ вештини

Скопје, 25. април 2017 година

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска и Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски денеска го промовираа почетокот на имплементацијата на мерката „Обуки за напредни ИТ вештини“.

 

„Од 1 јануари 2017, според податоците од Централниот Регистар, отворени се 67 компании во областа на ИКТ од кои дури 40 се во дејностите програмирање, обработка на податоци и интернет портали а останатите 27 во производство, трговија и одржување на ИКТ опрема и консултантски услуги во ИТ. Ова значи дека секој трети ден во годинава се отворала програмерска фирма“, рече Арсовска Томовска.

 

Таа потенцираше дека пазарот на труд во областа на ИКТ има огромна апсорпциона моќ за нови работни места, така што е потребен координиран пристап од сите учесници, односно покрај универзитетите кои произведуваат дипломирани професионалци од областа, се јавува и потребата од преквалификација, токму преку ваквите обуки.

 

„Во изминатите пет години тука клучна улога имаше Агенцијата за вработување на Р.М. која со своите програми и буџет, со значајно учество на европските фондови, преквалификува над 800 невработени лица, а во фаза на обука се дополнителни 200, со што даде сериозен придонес за намалување на дефицитот на ваков кадар“, рече Арсовска Томовска, нагласувајќи дека 500 од 800-те преквалификувани веќе се редовно вработени, а за останатите се смета дека се работно ангажирани со авторски договори или договори на дело.

 

Преку оглас- објавен вчера од страна на Агенцијата за вработување на Република Македонија, сите невработени лица коишто се регистрирани во Агенцијата како активни баратели на работа, а се на возраст до 29 години, се повикуваат да аплицираат за учество во обуките. Станува збор за обуки за напредни ИТ вештини за вкупно 220 лица и тоа JAVA Programmer SE8 Trainings за 110 учесници; и ISTQB Тester, односно Бета софтверски тестери за 110 учесници. Изборот за Обуките е направен согласно потребите на пазарот и барањата на Стопанските комори, според кои, најбарани работни места се програмерите, потоа инженери за одржување на софтвер и на софтверски апликации.

 

„Сметаме дека на овој начин ќе придонесеме за отворање на нови работни места и работно ангажирање на млади, до 29 години, но и за задоволување на потребите на пазарот на труд“, истакна Арсовска Томовска, охрабрувајќи ги младите да се пријават на огласот и со што ќе си го отворат патот за кариера во областа на информатичките науки, која е меѓу најпрестижните, најдефицитарните и најдобро платените струки во државата но и во светски рамки.

 

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Поповски истакна дека пријавените ќе мора да поминат период на предтестирање и потребно е да имаат почетно познавање на програмирање. Лицата кои ќе бидат избрани и ќе ги завршат обуките, ќе добијат уверение за посетувана обука и ќе полагаат завршен испит за добивање меѓународен сертификат. Средствата за оваа мерка се обезбедени преку третиот грант на ЕУ . Огласот е отворен и ќе трае сѐ до пополнувањето на квотата.

 

 

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација