Стручни лица од МИОА- гости предавачи

26. април 2017 година

Во рамките на соработката меѓу Министерството за информатичко општество и администрација и ИКТ факултетите во Република Македонија, стручни лица од МИОА деновиве одржаа предавања на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ.

 

Државниот советник Никола Николов вчера одржа предавање на тема „Имплементацијата на националните ИКТ проекти“ по предметот „Концепти на информатичко општество“. Целта на овој предмет е да се запознаат студентите со теориите и пристапите кои ја анализираат улогата на информатичката технологија, медиумите и знаењето во модерното општество.

 

Преку интерактивно предавање, Николов презентираше дел од проектите кои Министерството ги има спроведено во изминатиот период. Со тоа, студентите добија информации за проектите кои министерството ги реализира и го развива информатичкото општество во државата.

 

Предавање на истиот факултет одржа и Розалинда Стојова, раководител на Оделението за развој и промоција на информатичкото општество во МИОА, која од 2014 година е предавач од пракса на додипломските студии на ФИНКИ. Нејзините предавања се на тема е-Влада и активностите што се преземаат од страна на Министерството и другите државни органи од областа на е-Влада.

 

Инаку, МИОА има континуирана одлична соработка со ИКТ факултетите во Република Македонија, која се манифестира преку организирање настани, спроведување проекти, учество во изработка на стратегии како и предавања на вработените од министерството за студентите.

 

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација