МИОА учесник на панел дискусија по повод Светскиот ден за слобода на печатот

Скопје, 3. мај 2017 година

Стручен тим на МИОА денеска учествуваше на панел дискусијата по повод Светскиот ден за слобода на печатот, во организација на делегацијата на Европската Унија во Македонија. Настанот имаше за цел да поттикне дискусија за потребните медиумски реформи во земјата, преку зајакнување на учеството на засегнатите страни, меѓу кои медиумите, јавната администрација и граѓанскиот сектор.

 

„Слободата на изразување претставува основен столб за развојот на демократијата и инклузивното општество, а само слободни, независни и плурални медиуми можат да го обезбедат истото“, рече Димитар Буковалов, Раководител на Секторот за комуникации во МИОА. Од друга страна, тој посочи дека со технолошкиот развој и појавата на новите интернет посредници (социјални мрежи, агрегатори на вести, интернет портали, пребарувачи) и онлајн медиуми, се создаваат нови предизвици во однос на заштитата на слобода на изразување.

 

Според него, како никогаш до сега, обезбедувањето слобода на изразување, слободни и плурални медиуми, професионално новинарство не било поголем предизвик. Потребно е континуирано следење на состојбите и соодветно про-активно преземање мерки и активности согласно меѓународните стандарди и препораки.

 

Тој се осврна на препораките и стандардите на Советот на Европа, ОБСЕ и на ЕУ донесени во изминатиов период, во кои меѓу другото се потенцира дека заштитата на слободата на изразување се обезбедува преку континуирана широка јавна дебата со вклучување на сите релевантни субјекти за потребните реформи во медиумската сфера.

 

Инаку, воведни излагања на панел дискусијата имаа Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија и Нина Суомалаинен, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

 

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација