Арсовска Томовска на Регионална министерска конференција за јавна администрација

Тирана, 18 мај 2017 година

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска учествуваше на Регионалната министерска конференција за јавна администрација во Тирана, во организација на Министерството за иновации и јавна администрација на Република Албанија и Регионалната школа за јавна администрација (RESPA).

 

Арсовска Томовска се обрати на панел дискусијата насловена како: „Испорака на јавни услуги во регионот на Западен Балкан“, посветена на правната рамка за испорака на јавни услуги, аспектите на имплементација и квалитетно менаџирање на услугите, како и организационен развој и иновативен менаџмент.

 

Taa го претстави искуството на Република Македонија во однос на реформите во јавната администрација за транспарентност, ефикасност и отчетност, а ги посочи и клучните столбови за дигитална поврзаност меѓу институциите со цел поедноставување на услугите; Меѓу другото ја посочи платформата за Интероперабилност, Регистарот на население, Националниот портал за владини услуги, а се осврна и на Стратегијата за реформи во јавната администрација 2016-2021 чијашто цел е јавната администрација да се приспособи кон потребите на современото општество и да оствари партнерски однос со граѓаните.

 

Арсовска Томовска имаше можност да се сретне со своите колеги од регионот и да размени искуства и добри практики во однос на професионализацијата на администрацијата. На панел дискусијата говореа и Министерката за иновации и јавна администрација на Република Албанија Милена Харито, Министерката за јавна администрација на Црна Гора Сузана Прибиловиќ и Министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Ана Брнабиќ.

 

Инаку, на конференцијата учествуваа преку 40 говорници од државите од Западен Балкан, високи претставници од релевантни меѓународни организации, од земјите-членки на ЕУ, претставници на стопанските комори и бизнис секторот, како и други релевантни граѓански организации од регионот и ЕУ.

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација