Министерот Манчевски на работна посета на Брисел

Брисел, 03 октомври 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска е во работна посета на Брисел.

 

Министерот Манчевски е еден од говорниците на настанот организиран од Центар за европски политики, на тема: „Реформите во јавната администрација и проширување на Европската Унија – Перспективите на граѓанското општество на Балканот“.

 

„Новата влада, е одлучна и отворена за вклучување на граѓанскиот сектор во креирање на политики. Отвораме јавни дискусии на сите позначајни теми и граѓанскиот сектор е клучен партнер во тој процес. Тоа е случај и со реформите во јавната администрација(РЈА). Една од најзначајните работи за Министерството за информатичко општество и администрација е финализирање на Стратегијата за реформи во јавната администрација. Ова се уште е голем предизвик со оглед на штетите направени од претходната влада и степенот на партизираност на јавната администрација“, истакна министерот Манчевски.

 

Реформите во јавната администрација, се прават единствено преку разговори со различни засегнати страни на кои се дискутираат различните сегменти од процесот на реформи.

 

Министерот Дамјан Манчевски, се осврна на улогата на граѓанското општество во одлуките што ги носи владата. Како што посочи министерот, вклучувањето на граѓанското општество е значајно затоа што го пополнува недостатокот на владините институции во делот на истражувањата и анализите на состојбите. Тука, Владата и МИОА можат да им помогнат на граѓанските организации обезбедувајќи им пристап до потребните информации

 

„На крај, сакам да потенцирам дека најважно е да постои отворен дијалог. Не сум одбил ниту една покана за средба со граѓанските организации, и планирам да продолжам да разговарам со нив за сите идеи, предлози и предизвици. Имаме долг пат пред нас за враќање на демократијата и соработката со граѓанскиот сектор е еден од клучните алатки за остварување на таа цел“, заклучи министерот.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација