Манчевски: Листа на документи кои министерствата се задолжени да ги објават на сајт

Скопје, 31 октомври 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска одржа прес конференција.

Министерот Манчевски ја информираше јавноста дека Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата подготвена од Министерството за информатичко општество и администрација, што се однесува на листа на акти и материјали коишто министерствата согласно закон се обврзани да ги објават на своите веб страни.

 

Станува збор за листа од 21 документ, коишто во наредните 15 дена треба да бидат објавени на веб страните на министерствата.

 

„Анализите спроведени во 2016 година покажуваат дека во поглед на отвореностa на извршната власт, Македонија е на последно место во регионот со исполнување на само 36% од индикаторите во истражувањата. Имајќи ја во предвид целта на Владата за транспарентност и отчетност во своето работење, се наметна потребата да се преземат конкретни мерки и активности за подобрување на оваа затекната состојба“, истакна министерот Манчевски.

 

Обврската за објава на листата на документи на веб страните на министерствата подразбира и нејзино ажурирање. Дополнително, на овој начин ќе се обезбеди и полесен пристап до административните услуги.

 

„Отвореноста на институциите претставува клучен услов за демократијата. На овој начин на граѓаните им се овозможува да добиваат информации кои се неопходни за еднакво учество во политичкиот живот, учество при донесувањето на одлуки и барање одговорност од институциите“, посочи министерот Дамјан Манчевски.

 

Листата на документи e објавена на следниот линк:

Листа на информации од јавен карактер.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација