Билатерални средби на министерот Манчевски во Стразбур

Стразбур, 05 декември 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, во рамки на работната посета на Стразбур, оствари повеќе билатерални средби на кои ги претстави реформите во јавната администрација на кои се работи во моментов, како и заложбите на Владата во ИКТ сферата.

 

Со директорот за Информатичко општество и борба против криминал, при Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото на Совет на Европа, Јан Клеијсен, министерот Манчевски, разговараше за важноста, придобивките и предизвиците од информатичката технологија во градењето на демократските општества. Беше разгледана и можноста за активно вклучување на Советот на Европа на претстојниот Дигитален Самит за земјите од Западен Балкан, што ќе се одржи во Скопје, следната година, со цел презентирање на активностите и новите алатки на Совет на Европа во делот на одговорностите на интернет провајдерите, заштитата на податоците, сајбер безбедноста и лажните вести.

 

На состанокот со заменик-министерот за јавна администрација на Словенија Нејц Брезовар, беше разгледана можноста за меѓусебна соработка и размена на искуства во делот на воспоставување на ИТ централно тело, односно креирање на национален ИКТ Совет.

 

Подготовката на Стратегијата за реформа во јавната администрација, наиде на позитивни критики од министерот Брезовар. Двете министерства во иднина ќе продолжат со добрата соработка и размена на позитивните искуства.

 

Министерот Манчевски одржа состанок и со Снежана Самарџиќ – Марковиќ, од Генералниот директорат за Демократија на Совет на Европа. Во текот на состанокот министерот информираше за активностите кои се превземаат на полето на реформа на јавната администрација и употребата на дигиталната технологија со цел обезбедување ефикасна и ефективна испораката на јавните услуги. Исто така беше потенцирана можноста за соработка и размена на искуства, знаења во областа на е-демократија и е-партиципација.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација