Манчевски: Ги вклучуваме сите засегнати страни во креирањето на политиките на Владата

Париз, 15 декември 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски имаше обраќање на СИГМА министерската конференција насловена „Добро деловно јавно управување, сервис за граѓаните и бизнисите“, која на 13ти и 14ти декември се одржа во Париз, Франција.

 

Министерот Манчевски, беше дел од панел дискусијата посветена на вклученоста на граѓаните во креирање на владините реформи. Почетна точка за дискусија беа новите бранови на социјални движења и граѓанска мобилизација поддржани со можностите кои ги нудат новите технологии.

 

„Владата и Министерството за информатичко општество и администрација, постојано работат на вклучување на граѓанските организации во креирање на политиките. Нашите заложби се вклучени во Програмата на Владата и во Планот 3-6-9. Јавни дебати во изминатиот период беа отворени по најголем дел од прашањата и реформите кои ги спроведуваме“, истакна министерот Манчевски, осврнувајќи се на заложбите на Владата во делот на отвореноста кон граѓаните.

 

„ Владите во 21 век, се нешто сосема поразлично од тоа што претставувале век претходно. Владите денес, за разлика од претходно, имаат за задача да ги информираат граѓаните дека има определен проблем, и да ги поканат заедно да дискутираат за надминување на проблемот, заедно да подготват решение. Во овие модерни времиња и со поддршка на ИКТ, ние лесно можеме да го постигнеме тоа. Интернетот е алатка, која може да се користи во правец на обезбедување на директна демократија“, посочи Манчевски, зборувајќи за можностите како новите технологии можат да бидат искористени во правец на обезбедување на што поголема вклученост на граѓаните во донесување на одлуките.

 

Конференцијата е организирана од OECD и Европската Унија, по повод 25 години од формирањето на СИГМА.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација