Јавна расправа за придобивките од воведување на 5G технологија во Македонија

Скопје, 10 мај 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, денеска се обратија на јавната расправа за мерките и активностите потребни за воведување на 5G технологија во Македонија.

 

Министерот Манчевски се осврна на придобивките од воведување на 5G, и неопходноста од вклучување на сите засегнати страни при креирање на политиките за обезбедување на условите.

 

„Ако зборуваме за дигитализацијата како за четврта револуција, за 5G мрежата се смета дека ќе го смени начинот на кој ќе функционира општеството, многу повеќе од начинот на кој влијаела појавата на електричната енергија. 5G технологијата не само што ќе обезбеди побрз пренос на податоци, туку ќе донесе нови функционалности и апликации со висока општествена и економска вредност. Од особена важност е да се истакне дека 5G технологијата може да биде инструмент за трансформација, односно дигитализација на традиционалните индустрии“, посочи министерот Манчевски.

 

„Клучно е уште на самиот старт да се создаде тесна соработка помеѓу вертикалните сектори, телеком операторите и IT секторот. Од овие причини истите треба да се вклучат уште на самиот почеток во развојот на 5G. Ова дополнително ќе отвори поле за нови бизниси,особено за малите и средни претпријатија“, рече министерот Манчевски, осврнувајќи се на активностите на МИОА во оваа област. Како што исткана тој, МИОА уште на почеток на 2018 година формираше Работна група за утврдување мерки неопходни за воведување на 5G, во која учествуваат претставници од јавниот сектор, регулаторни тела, индустријата, операторите, универзитетите итн. Нивните предлози, анализи, коментари се поставувани на порталот на МИОА за секој да може да се вклучи во дебатата. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, зборуваше за инфраструктурниот аспект за воведување на 5G технологија. „Министерството за транспорт и врски изготвува Нацрт Закон за просторно и урбанистичко планирање, закон кој точно ќе ги утврди постапките за изработка на урбанистичките планови за подрачја и објекти од државно значење. Од аспект на инфраструктурата ова е прв чекор во олеснување на постапките и процедурите за воведување на 5 ЏИ технологијата. Во однос на прашањата поврзани со изградба на инфраструктурата, сакам да спомнам дека во фаза се измени на Законот за градење кој дополнително ќе ги олесни постапките за изградба на базните станици. Ова конкретно се однесува на забрзување и олеснување на постапките за издавање на Одобренијата за градење“, информираше министерот Сугарески.

 

МИОА и Владата воведоа праска на вклучување на сите засегнати страни во креирање на сите политики и активности. Со таа цел, во рамки на дискусијата со свои презнетации и стручни анализи придонесоа и претставници од Стопанската комора, МАСИТ и АЕК.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација