Развивање на рамка на професионални компетенции

Скопје, 15 мај 2018 година

Во рамките на проектот "Поддршка на реформата на јавната администрација и зајакнување на капацитетите на МИОА", МИОА започна процес на развивање и на Рамка за професионални компетенции. Покрај Рамката на општи компетенции која е директно поврзана со категоријата на која и припаѓа работното место, рамката на професионални компетенции има за цел дефинирање и зајакнување на професиите во администрацијата, како и поставување на минимум стандарди за одредена професија во администрацијата, со посебен акцент на професиите кои имаат хоризонтална распространетост,односно се систематизирани во повеќето органи на државната управа и единици на локалната самоуправа.

 

Воспоставувањето на листа на професии како институционален/организациски ресурс, со соодветна рамка на професионални компетенции за секоја од професиите ќе ги зајакне капацитетите на администрацијата и ќе ја направи поефикасна и поефективна во обезбедувањето на нејзината основна надлежност, односно да биде вистински сервис на граѓаните и бизнис заедницата во општеството.

 

Во моментов се работи на развивање на професионални компетенции за следните професии на административни службеници: финансиско работење, правник-нормативна дејност, односи со јавност, управување со човечки ресурси и информациско-комуникациски технологии.

 

Во контекст на развивање на професионални компетенции за наведените професии, МИОА организираше меѓуинституционални работни средби со фокус групи, составени од вработени во споменатите дејности од државните институции и невладините здруженија и комори.

 

Во следниот период ќе се работи на активностите поврзани со развивањето на Рамката за професионални компетенции за избраните пет професии, како и на подготовка на Прирачник за структурирано интервју базирано на компетенции за различните професии во рамки на администрацијата во Македонија.

 

Целта е да се обезбеди мерлив и стандардизиран систем на управување со човечки ресурси на ниво на целата организација преку поставување на јасна рамка за регрутирање, селекција, развој на кадри и процес на оценување и кариерен развој.

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација