Постапка за издавање и подигање на потврда за положен испит за административно управување

Скопје, 17 мај 2018 година

Процедурата за издавање на потврда за положен испит за административно управување е соработка помеѓу Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за администрација на Република Македонија. Надлежност на Агенцијата е да го спроведе испитот за административно управување. Надлежност на Министерството е да ја подготви и издаде Потврдата за положен испит за административно управување.

 

Кандидатот по електронски пат го полага испитот за административно управување во просториите на Агенцијата, со адреса на ул. “Јуриј Гагарин“ бр. 15. По завршување на испитот, на екранот на компјутерот на кој кандидатот го полагал испитот, се појавува резултат: положил/не положил. На кандидатот кој го положил испитот му се издава Потврда за положен испит за административно управување.

 

Врз основа на податоците од електронскиот систем за полагање на испитот, Агенцијата подготвува извештај, односно список со податоци за кандидатите кои го положиле испитот. Во рок од 5 дена од денот на одржување на испитот, овој извештај го доставува до МИОА. Врз основа на податоците од добиениот извештај, МИОА подготвува потврди кои ги издава на кандидатите коишто го положиле испитот, во рок од 5 дена од приемот на известувањето од Агенцијата. Истовремено, Министерството ги известува и институциите каде се вработени кандидатите, дека лицата го положиле испитот за административно управување.

 

Во пракса: Министерството е во можност да постапи по својата надлежност дури откако Агенцијата ја комплетирала својата надлежност. Тоа значи дека институцијата/кандидатот известувањето за положен испит, ќе го добие најрано десеттиот ден по денот на одржување на испитот. Кандидатот ќе може да ја подигне и потврдата за положен испит за административно управување. Кандидатот лично ја подига потврдата, а својот идентитет го докажува со документ за идентификација - лична карта. Издавањето, односно подигањето на потврдата за положен испит за административно управување се одвива во просториите на Центарот за обуки на Министерството, со адреса на бул. “Јане Сандански“ бр. 61, општина Аеродорм – Скопје.

 

Дополнителни информации може да се добијат на телефонскиот број: 02/ 2400 – 475

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација