Соопштение, 14.09.2012

 

Владата на Република Македонија, преку Министерството за информатичко општество и администрација започна со спроведување на активностите предвидени со Проектот вредносни бонови - ваучери за набавување на компјутери за потребите на редовните студенти.

 

Како дел од новиот пакет економско -социјални мерки со доделувањето на ваучерите ќе се излезе во пресрет на редовните студенти од социјално загрозените семејства кои за прв пат се запишале во завршната година на студии во учебната 2012/2013 година на високообразовните установи во Република Македонија и на студентите евидентирани како лица со посебни потреби.

 

Согласно Законот за издавање на вредносни бонови – ваучери („Службен весник на Република Македонија„ бр. 106/2012) вредносните бонови – ваучери се наменети за:

 

- редовните студенти на високообразовните установи во Република Македонија кои живеат во социјално загрозени семејства, односно семејства корисници на социјална парична помош, постојана парична помош и право на парична помош на лице кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа или семејствата во кои вкупните месечни приходи не се поголеми од 12.000 денари и кои до 15 октомври за прв пат ќе запишат завршна година на студии, и

 

- сите студенти евидентирани како лица со посебни потреби запишани на студии во учебната 2012/2013 година на високообразовните установи во Република Македонија.

 

Вредносните бонови - ваучери ќе бидат за еднократна употреба и ќе се употребат како учество за купување на компјутери: лаптоп, десктоп или таблет.

 

Заинтересираните студенти до студентската служба на матичниот факултет треба да достават барање и доказ дека се од социјално загрозено семејство (потврда издадена од Центарот за социјални работи или уверение издадено од Управата за јавни приходи, за остварени приходи по разни основи од претходната година за двајцата родители или старатели на студентот поединечно и за самиот студент), односно потврда дека се евидентирани како лица со посебни потреби најдоцна до 15 октомври 2012 година, по што ќе следува постапката за доделување на вредносните бонови.

 

Заинтересираните студенти подетално може да се информираат на веб страницата www.mioа.gov.mk/vaucheri како и на контакт телефонот 02 3200 917.

 

Министерство за информатичко општество и администрација